Физичко следење и лажни извештаи денеска од собраниска говорница објави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Тој приложи документи според кои лица со кодно име „Цилиндар“ и „Џокер“ го следеле него и неговото семејство.
Според она што го цитираше Мицкоски од извештајот него го класифицирале како финансиер на пара-полициска вооружена формација која има за цел дестабилизација на Македонија.
„Една од неколкуте институции кои што треба да се занимаваат со безбедноста на државата, наместо да се занимава со безбедноста на Македонија, се занимавала со физичко следење на претседателот на најголемата опозициска партија. И тоа го правеле на многу интересен начин. Како? Измислуваат извор во случајот „цилиндар“ кој што според нив доставува веродостојна информација. Конкретно таква информација доставил од објективни причини, нема да ја кажам точната дата, туку ќе кажам некаде од почетокот на 2020 година, чудно тоа коинцидира со изборите кои што тогаш се случуваат, во која што вели, внимавајте, пара полициско воено вооружена формација. Претпоставувам најголем дел од вас биле пара полициско воено вооружена формација составена од внимавајте го ова, македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаа за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа пара полициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски. Јас сум тој кој што оваа пара полициско воено вооружена формација ја финансирал, ја формирал…“, соопшти Мицкоски во парламентот.
Тој наведе потоа уште два примери.
„Изворот Цилиндар вели дека јас сум виден со две женски особи на Водно, како пешачам, иако не е вистината оваа информација. Замислете го ова, тие ми презентирале информации од мој политички интерес, а додека пешачам изворот „Цилиндар“ мене ме покривал. Исто така пред избори во 2021 година изворот, сега го добива името „Џокер“ вели дека во манастирот Св. „Јован Бигорски“ мојата средба со припадници на Патриотско друштво не била случајна. Тоа било средба што ја сум ја остварил со овие припадници за да ја нарушуваме безбедноста и стабилноста на Македонија“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски во насока на ова, праша дали ова се европските вредности кои ги промовираше тогашната власт на СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека мора преку реформи еднаш засекогаш да се стави крај на овие злоупотреби со безбедносните служби.
„Е сега ова ли се европските вредности. Ајде за тоа што крадеа, крадеа, за тоа ќе има одговорност. Има институции во оваа држава“, истакна премиерот и додаде:
„И тоа не е сè. Тука се покривани и мојата сопруга, моето семејство и мојот малолетен син. И двајцата, едниот е поголем, другиот е помал. Но, и тие се покривани физички. И затоа е сега стравот, затоа е сега стравот. Не е стравот заради друго нешто. Овие европски вредности ги промовираа овие луѓе. Дали ова се вистинските европски вредности, дали јас ви личам на човек кој што може да финансира пара полициско воено вооружена формација.
Затоа треба на овие злоупотреби еднаш засекогаш со реформа во овие служби да им се стави крај, за да не им се случува на оние генерации кои што доаѓаат по нас. Затоа што ако ова им се случува, ништо не сме направиле, за бадијала ни е сè и европски фронтови и Балкански фронтови и било што, ако ние во 21 век имаме ваков начин на злоупотреба на работата на безбедносните агенции“, дециден е Мицкоски.
На крај премиерот Мицкоски нагласи дека не само што и него што го следеле, туку за неговиот малолетен син што го следеле, ќе одговараат.