Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Ако нема основа за поскапување на лебот ќе следат казни

01/04/2026  17:51

Премиерот Мицкоски и неговиот кабинет ќе ја анализираат состојбата со цената на лебот, која во повеќе градови низ земјава е покачена од 3 до 5 денари. Мицкоски вели ако има основа за покачување ќе има мерки, но ако се утврди дека има неоправдано зголемување ќе има санкции.

-Ја анализираме состојбата и денеска во текот на денот ќе имам состанок на оваа тема. Ќе го видиме инпутот и да видиме дали врз основа на тој инпут којшто тие го декларираат навистина има потреба од такво зголемување. Доколку има потреба, тогаш ќе кажеме, да има потреба и ќе преземеме мерки, а доколку нема потреба, тогаш тие коишто девијантно и непазарно се однесуваат ќе бидат изречени глоби. Со кого ќе имате средба? Со луѓето од мојот кабинет, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во дел од пекарниците во Штип, Кочани, Прилеп и Битола од денеска има повисока цена на одредени видови леб. Цените на белиот леб од 450 грама, во дел од пекарите одат нагоре од 3 до 5 денари. Информациите ги потврдија и од Групацијата на мелничко – пекарската индустрија при Стопанската Комора, но од таму велат секоја пекара индивидуално одлучува за цените. Според нив, со конфликтот на Блискиот исток трошоците пораснале за над 10 проценти.

-Се зависи од залихите што ги имаат на лице место и тоа колку им влијае нели со новите набавки во цените. Така би требало да се покачи за некои десетина посто и нагоре. Нормално тоа секако влијае во тие три домена на производството, значи набавка, печење, дистрибуција. Значи секако би требало од прилика така да се движи цената. Но, јас не можам да кажам колку ќе се движи, тоа сè зависи од компаниите, изјави Горан Малишиќ, претседател на групацијата на мелничко-пекарска индустрија при СКСМ.

Корекциите нагоре на цените на лебот доаѓаат по поскапувањето на маслото и јајцата како и овошјата и зеленчукот. Експертите и бизнисот алармираа дека нафтениот шок ќе се прелее врз цените на сите производи, но премиерот вели инфлацијата е стабилна. Ќе се чека официјалното соопштение на статистика наредната недела, па дури потоа евентуално би се разгледувале и мерки за заштита на стандардот на граѓаните. Ќе се следи и цената на горивата и ако треба на вонредна седница ќе се продолжи кризната состојба и мерката за намаленото ДДВ за горивата. А ќе се анализира и дали има потреба за интервенција со акцизите. Мицкоски тврди и дека струјата нема да поскапи.