Метео анализа на Славчо Попоски:
Под влијание на многу ладен циклон и низок воздушен притисок, секако поврзан со студена воздушна маса од север, а циклонскиот систем ќе биде со центар над Средоземјето, од утре попладне (20 Декември) па се до 24 Декември (Вторник) во Македонија ќе има пообилни врнежи, кои најпрво на пониските места ќе бидат од дожд, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег, каде снежната покривка на планините и на Скијачките центри значително ќе се зголеми, и таа до 24 Декември во вечерните часови локално ќе изнесува близу 100 сантиметри, особено на оние поголеми надморски височини.
Поради веќе споменатиот продор на многу поладен воздух од север, од сабота, а особено во почетокот на следната седмица врнежи од снег ќе има во најголем дел од Македонија, и истите ќе бидат обилни, па така снежна покривка ќе се формира на многу пониски места (градови). Во источните предели ќе се формира снежна покривка со висина од 5 до 10 сантиметри, локално и повеќе, додека во западните предели таа ќе биде најголема и ќе биде со висина од 10 до 20 сантиметри, а понекаде и над 30 сантиметри. Помала снежна покривка се очекува да се формира и во Скопје и околината.
Сето ова ќе биде проследено со засилен повремено силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 65 км/час).
Што се однесува до температурите, тие од овој викенд значително ќе опаднат, а дополнително опаѓање на температурите се очекува од понеделник па натаму и минималните температури на воздухот на многу места во Македонија ќе бидат под нулата, додека максималните температури исто така на многу места ќе се задржат до околу, понекаде и под нулата.
Да напоменам дека поради силниот ветер кој се очекува да дува, се очекува појава и на снежни наноси, особено на повисоките и на планинските места, како и на скијачките центри.
Со оглед на ваквата временска состојба, доколку патувате кон планинските превои, препорачувам да бидете крајно внимателни како управувате со своите возила, и тоа поради очекуваните обилни снежни врнежи и големата снежна покривка која се очекува. Исто така скијачите да не се оддалечуваат на поголеми надморски височини, за да не дојде до нивно исчезнување како што беше случајот пред неколку денови, кога неколку Скијачи за среќа беа успешно пронајдени на скијачите центри поради нивното исчезнување.
Од овој голем снежен бран секако ќе биде зафатен најголем дел од регионот, па така конечно после многу години католиците ќе имаат Бел Божик, односно Божик со снег.