Skip to main content
Македонија

МЕТЕОАЛАРМ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Следува силно невреме во Македонија!

05/06/2025  08:26

Метео анализа на Славчо Попоски:

Под влијание на фронтална долина со поладен воздух на висина која се наоѓа над нашиот дел од Европа, денес и утре (четврток и петок 5 и 6 јуни) особено во попладневните  и во вечерните часови на повеќе места кај нас ќе се формираат фронтални влажни бранови кои значително ќе ја дестабилизираат атмосферата.

Во ваква ситуација, на повеќе места кај нас ќе се развиваат грмотевични конвективни облачни јадра од кои очекувам појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и силен ветер во зоната на нестабилност. Поради загреаната атмосфера и исполнета со енергија, локално процесите ќе бидат интензивни, што значи дека ќе има појава на невреме, проследено со поројни врнежи од дожд, силен ветер, силни електрични празнења  и со појава на град кој во ваква ситуација би можел да биде  и крупен.

И во делови од Скопскиот регион во погоре споменатиот период ќе има појава на нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи, силен ветер и со услови за појава на невреме. Температурите остануваат без поголеми промени во однос на оние кои ги имаме деновиве, што значи дека ќе бидат навистина летни и високи и покрај тоа што атмосферата ќе биде многу нестабилна.

Апелирам, во случај на појава на невреме граѓаните да обратат поголема внимателност, односно, во случај на појава на електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер, граѓаните своите автомобили да ги заштитат, однсоно, да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се осамени.

На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме НОТАС, и истата е од голема корсит на секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/