Skip to main content
Македонија

МЕТЕОАЛАРМ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Доаѓаат врнежи, грмежи и невреме!

15/07/2025  08:55

Поради продор на поладен воздух од север на висина над нашиот дел од Европа, ќе биде доволно да дојде до поголема дестабилизација на атмосферата во нашата Република Македонија.

Денес (вторник 15 јули) во пладневните и во попладневните часови на повеќе места кај нас ќе има развој на грмотевични конвективни облачни јадра од кои очекувам појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално пак атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и со услови за појава на град.

И во делови од Скопскиот регион очекувам појава на нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината можна е појава и на краткотрајно невреме.

Токму поради ова, апелирам граѓаните да обратат поголема внимателност, односно, во случај на појава на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер, граѓаните своите автомобили да ги заштитат, односно да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се осамени.

Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 29 до 37 степени, а во Скопје и околината максималната температура ќе се искачи до околу 35 степени.

На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме НОТАС, и истата е од голема корист на секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/