Skip to main content
Македонија

МЕТЕОАЛАРМ: ГОЛЕМ СНЕЖЕН БРАН ОД ОВОЈ ВИКЕНД ЈА ЗАФАЌА МАКЕДОНИЈА: Очекуваме снежна покривка од над 50 сантиметри!

09/01/2025  08:55

Метео анализа на Славчо Попоски:

Под влијание на циклонска активност и на голем снежен и ладен бран кој ќе се формира над нашата територија, секако со продорот на многу поладен воздух од север, проследен со повремено засилен ветер од северен правец, од овој викенд, како и во почетокот на следната седмица ќе имаме обилни врнежи кои полека насекаде во Македонија ќе преминуваат во снег.

Снежна покривка ќе се формира насекаде во Македонија, на повеќе места таа ќе биде позначителна  и со висина од над 20 сантиметри, локално и над 30 сантиметри (во градовите), додека на планините  како и на Скијачките центри се очекува нов снег со висина од над 50 сантиметри па до околу еден метар.

Со овој многу ладен и голем снежен бран, снег и снежна покривка ќе се формира и во Скопје  и околината, и тоа со висина од 10 до 15 сантиметри, можно е локално и повеќе, додека на околните планини таа ќе биде значително поголема.

Што се ондесува до температурите, тие наутро насекаде ќе се спуштаат под нулата, а и преку ден тие на повеќе места ќе се задржат до околу нулата, а во делови од Македонија и под нулата, само во крајните југоисточни предели тие ќе бидат само за неколку степени над нулата. На повисоките населени места, планините, како и на Скијачките центри температурите постојано ќе бидат под нулата.

Поради очекуваниот повремено засилен ветер од северен правец, се очекува и појава на снежни наноси, особено на повисоките населени места, планините, како и на Скијачките центри.