Skip to main content
Свет

Мери Трамп алармира за можни знаци на Алцхајмер кај Доналд Трамп

27/01/2026  19:23

Мери Трамп, внуката на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека забележала одредени промени во неговото однесување и изразот на лицето кои, според неа, наликуваат на симптоми на Алцхајмерова болест. Таа го спореди со здравствената состојба на својот дедо, Фред Трамп, пред неговата смрт во 1999 година, пишува Тајмс.

Во интервју за Њујорк Магазин, Мери рече дека претседателот понекогаш изгледа дезориентирано: „Има моменти кога делува како да не е целосно свесен за времето и просторот. А понекогаш го гледам тој поглед како елен заслепен од фарови.“ Доналд Трамп неодамна зборуваше и за здравјето на својот татко, обидувајќи се да се сети на болеста од која боледувал: „Имаше еден проблем. Во одредени години, почна да добива… нешто како Алцхајмерова болест, но јас го немам тоа“, рече тој. И покрај забелешките на Мери, Белата куќа и високите функционери упорно ги негираат наводите за здравјето на претседателот. Портпаролката Каролин Левит рече дека Трамп само „активно слушал“ кога изгледал заморен, а државниот секретар Марко Рубио го опиша како „преполн со енергија“.

Министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Младиот и Мехмет Оз потврдија дека претседателот има „исклучително високи здравствени показатели за својата возраст“. Трамп, кој оваа година ќе наполни 80 години, постојано тврди дека неговото здравје е „совршено“, иако во јавноста се појавија шпекулации поради видливи модринки, оток на нозете и ситуации во кои изгледаше како да задремал за време на јавни настапи.