Skip to main content
Свет

Мерцедес започнува повлекување на илјадници возила од 1 април поради неисправни батериски ќелии што може да предизвикаат пожар

14/02/2025  12:15

Мерцедес започнува повлекување на илјадници возила поради неисправни ќелии на батериите, но сопствениците ќе мора да бидат трпеливи бидејќи софтверското решение се уште не е достапно.

Mерцедес повлекува 7.358 електрични теренци EQB во САД. Причината е можен краток спој во ќелиите на батеријата, што може да доведе до пожар. Засегнати се моделите произведени помеѓу декември 2021 и јануари 2023 година.

Според американската безбедносна агенција NHTSA, може да дојде до краток спој во батериските ќелии.

Решението е софтверско ажурирање за управување со батеријата, но се уште не е достапно. Дотогаш, Mерцедес препорачува да не се полни батеријата над 80 проценти. Повлекувањето ќе започне на 1 април 2025 година.

Според соопштението на NHTSA, повлекувањето во САД ги вклучува следните модели:

EQB 250 – 2.636 возила

EQB 300 4Matic – 3.311 возила

EQB 350 4Matic – 1.415 возила

Од Мерцедес потврдија дека може да бидат погодени и возила во Европа, но не дадоа точни бројки.