Skip to main content
Свет

Мерц остро ги критикуваше израелските напади врз Либан

09/04/2026  18:15

Германскиот канцелар Фридрих Мерц остро ги критикуваше израелските напади врз Либан. Тој смета дека тие го загрозуваат постигнатото примирје меѓу САД и Иран.

Мерц изјави дека Берлин со голема загриженост ја следи ситуацијата на Блискиот Исток, откако САД и Иран претходно неделава се договорија за двонеделно примирје, јави ДПА.

– Интензитетот со кој Израел ја води војната [во Либан] може да доведе до пропаѓање на целиот мировен процес. Тоа не смее да се случи – изјави Мерц.

– Затоа, заедно со други шефови на држави и влади, вчера побарав од израелската влада да стави крај на понатамошната ескалација на нападите – додаде тој, повикувајќи се на заедничката изјава на европските лидери и Канада објавена вчера.

Во документот се повикуваат сите страни вклучени во борбите на Блискиот Исток „да го спроведат примирјето, вклучително и во Либан“.