Skip to main content
Свет

Мерц: Малку е веројатен пробив неделава за мировниот договор за Украина предложен од САД

24/11/2025  16:12

Малку е веројатен пробив оваа недела за мировниот договор за Украина, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по денешните консултации со лидерите на Европската Унија.

– Тоа е напорен процес, рече Мерц по разговорите на маргините на самитот Европска Унија-Африканска Унија во главниот град на Ангола, Луанда. „Во најдобар случај, оваа недела ќе има мали чекори напред“, додаде тој.

Коментарите доаѓаат откако претставници на САД, Европа и Украина вчера се состанаа на разговори на високо ниво во Женева за да разговараат за новиот мировен предлог на Вашингтон за ставање крај на конфликтот.

Европските сојузници на Украина го отфрлија планот во неговата оригинална форма, кој ѝ оди во прилог на Русија пренесе ДПА. Оригиналниот документ од 28 точки би барал од Киев да ѝ отстапи големи делови од територијата на Русија и да ја ограничи големината на својата војска, меѓу другите мерки.

Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека е постигнат „значителен“ напредок во Женева. Преговарачите од САД и Украина изготвија ревидирана мировна рамка по разговорите.

Мерц рече дека „следниот чекор мора да биде Русија да дојде на маса“. „И ако тоа е можно, тогаш секој напор ќе вреди“, нагласи тој