
Британската лекарка по општа пракса Рај Арора ги предупреди жените на менструални симптоми кои никогаш не треба да ги занемарат бидејќи може да укажуваат на сериозни здравствени состојби, како што се ендометриоза, синдром на полицистични јајници (PCOS), а во ретки случаи и рак.
Во неодамнешно видео на TikTok, д-р Арора ги повика жените да се обратат кај лекар доколку забележат обилни крвавења или слаби крвавења помеѓу две менструации, бидејќи двата симптома може да укажуваат на подлабоки проблеми.
„Прво и најважно, не ги игнорирајте обилните менструации“, рече таа.
Додаде дека обилна менструација може да се препознае ако менувате влошки или тампони на секои два часа или почесто, ако крвавењето трае повеќе од седум дена, ако се будите ноќе за да ја смените влошката или тампонот или ако имате грутки поголеми од паричка, кои притоа предизвикуваат непријатност.
Д-р Арора истакна дека таквото обилно крвавење може да предизвика и други симптоми, како вртоглавица или чувство дека ќе се онесвестите, што е сериозен знак дека нешто не е во ред.
Не ги игнорирајте ги необичните симптоми
„Причината може да биде ендометриоза, миоми, аденомиоза, PCOS… Листата е долга. Не го игнорирајте тоа, обратете се кај вашиот лекар“, порача таа.
Друг загрижувачки симптом е крвавење помеѓу две менструации.
„Ако забележувате слабо крвавење помеѓу две менструации, многу е важно да дознаете зошто се случува тоа“, рече таа.
Причините може да вклучуваат цисти, воспаление на карлицата, ендометриоза или PCOS, објасни докторката. Особено нагласи дека нелекуваното воспаление на карлицата може да влијае и на плодноста. Понекогаш, истакна таа, крвавењето помеѓу две менструации може да биде и знак за рак.
„Не сакам да ве исплашам, но ако имате вакво крвавење, задолжително посетете лекар“, порача таа.
Дијагноза за ендометриоза дури по осум години
Кај ендометриозата, ткиво слично на она од внатрешноста на матката расте надвор од неа – на пример на јајниците, јајцеводите или други органи во карлицата. За разлика од слузницата на матката, која секој месец се лупи преку менструалното крвавење, тоа ткиво не може природно да се отстрани, па предизвикува бројни непријатни симптоми. Тоа вклучува болни односи, надуеност, мачнина, замор, депресија и неплодност. Според Massachusetts General Hospital, меѓу 30 и 50 проценти од жените со дијагностицирана ендометриоза имаат проблеми со плодноста.
Точната причина за ендометриозата не е позната, но експертите веруваат дека станува збор за комбинација од генетски, хормонални и имунолошки фактори, а можно е и да е последица на хируршки зафати. Поради комплексноста и недоволното разбирање на болеста, просечно се потребни осум години од појавата на симптомите до поставување на дијагнозата.