
Откако вчера излезе со став околу односите со Коалицијата ВРЕДИ, денес портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов се исправа, велејќи дека тоа бил негов личен, а не став на партијата.
„Вчерашната објава на мојот фејсбук профил во однос на поддршката помеѓу партнерите во владата на локалните избори е мој личен став и не изразува став на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија. Гледам дека оваа моја лична објава предизвика внимание, но и негативни реакции
Победата на овие локални избори што ја остварија ВМРО – ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ е резултат на нашата взаемна поддршка во сите општини во Македонија, што е потврда на имплементацијата на конзистентните политики на владата во изминатиот период. По локалните избори владините партнери треба да продолжат во ист правец, затоа што зацртаните политички цели за овие избори се остварени, појаснува Мемов.
Инаку, претходно, во објава на социјалните мрежи Мемов упати остра критика кон коалициониот партнер ВРЕДИ. Ги обвини дека тие ја изиграле ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и не го поддржале Орце Ѓорѓиевски.

