
Италијанската премиерка Џорџија Мелони ги осуди антиолимписките демонстранти како „непријатели на Италија“ по насилството на протестот во Милано синоќа и саботажните напади врз националната железничка мрежа. Инцидентите се случија на првиот целосен ден од натпреварите на Зимските олимписки игри, чиј домаќин е Милано, италијанската финансиска престолнина, заедно со алпскиот град Кортина д’Ампецо.
Мелони ги пофали илјадниците Италијанци кои, според неа, работат на тоа Игрите да поминат непречено и да претстават позитивно лице за Италија. „Потоа има и такви кои се непријатели на Италија и Италијанците, кои протестираат против Олимписките игри и ги емитуваат овие слики на телевизиските екрани низ целиот свет, откако други ги сечат железничките кабли за да спречат заминување на возовите“, напиша Мелони денес на Инстаграм.
Група од околу 100 демонстранти фрлаа петарди, димни бомби и шишиња кон полицијата откако се одвоија од главната толпа во Милано. Се проценува дека 10.000 луѓе излегоа на улиците на градот за да протестираат против трошоците за домување и загриженоста за животната средина поврзани со Игрите.
Демонстрантите носеа транспаренти со кои осудуваа низа проблеми, од употребата на вештачки снег и сеча на дрвја до кризата со домувањето во финансискиот и моден центар на Италија. „Игрите повеќе не се одржливи од еколошка или социјална гледна точка, нивното време истече“, изјави за АФП демонстрантката Франческа Мисана (29).
Критичарите на Зимските олимписки игри се жалат на влијанието на инфраструктурата врз кревката планинска средина, како и на широката употреба на вештачко создавање снег кое троши многу енергија и вода. Други велат дека за многумина, Милано станал град непогоден за живеење поради зголемените трошоци за живот во услови на прилив на богати нови жители привлечени од даночната шема.


