Skip to main content
Спорт

Меланија Грозданова под радарот на Атлетико Мадрид – скаути ќе ја следат во Белград

11/02/2026  17:10

Младата македонска фудбалерка Меланија Грозданова (17) повторно го привлекува вниманието на европската фудбалска јавност. По четиридневниот собир на А-репрезентацијата на Македонија, таа денес се наоѓа во Белград со својот клуб Љуботен, каде ќе одигра пријателски натпревар против Црвена Звезда.

Според информации од фудбалски извори блиски до скаутските кругови, натпреварот ќе го следат и претставници на шпанскиот гигант Атлетико Мадрид, кои допатувале со цел во живо да го проследат настапот на една од најперспективните млади фудбалерки од Македонија. Интересот од шпанскиот клуб доаѓа по подолг период следење на нејзиниот развој и настапи.

Грозданова во изминатиот период е во фокусот на повеќе европски клубови, а по интересот од Италија, сега и шпански екипи покажуваат сериозна заинтересираност. Шпанија во последните години е меѓу водечките земји во развојот на женскиот фудбал, што дополнително ја зголемува тежината на ваквиот интерес.

Натпреварот против Црвена Звезда ќе претставува важен тест за младата фудбалерка, која важи за една од најголемите надежи на македонскиот женски фудбал и од која се очекуваат значајни настапи и во иднина.