Skip to main content
Спорт

Мексико ја осови Лигата на нации во КОНКАКАФ зоната

24/03/2025  10:01

Мексиканските фудбалери за првпат ја освоија шампионската титула во Лигата на нации во КОНКАКАФ зоната.

Мексиканците го освоија историскиот трофеј со победата над Панама со 2:1, пред речиси 70.000 гледачи во Инглвуд, Калифорнија.

Херој на „сомбреросите“ беше 33-годишниот напаѓач на Фулам Раул Хименез, со гол од пенал во втората минута од судиското надополнување.

Хименез го постигна и првиот гол за Мексоко во осмата минута.

Тој е најзаслужен за титулата на Мексико бидејќи постигна два од четирите гола на неговата репрезентација во двата натпревари на завршниот турнир.

Во судиското надополнување на првото полувреме израмни Адалберто Караскиља од пенал. И кога сите очекуваа продолженија, дефанзивецот на Панама Хозе Кордоба необјасниво играше со рака пред својот гол во 90. минута.

Мексиканците ставија крај на тригодишната доминација на САД, кои ја освоија Лигата на нации од нејзиното основање, во 2021, 2023 и 2024 година.

Американците го завршија годинешниот турнир на четвртото место, откако го загубија и мечот за третото место од северниот сосед Канада со 2:1.

Канаѓаните поведоа преку Тани Олувасеи, но Американците брзо одговорија преку Патрик Агјеманг.

Голема морална победа на Канаѓаните им донесе Џонатан Дејвид во воведните минути од вториот дел.

Мексико, Канада и САД се домаќини на следното Светско првенство кое ќе се игра од 11 јуни до 19 јули 2026 година.