
Британскиот Формула 1 конструктор „Мекларен“ го претстави новото специјално издание на „Артура спајдер“ што ќе биде ограничено на само 10 парчиња. Шампионското издание на возилото се нарекува „Артура спајдер МЦЛ-39 чемпионшип едишн“ (Artura Spider MCL39 Championship Edition), и е засновано на „роудстерот“ од основно ниво на автопроизводителот што ја прослави 10-та титула во Формула 1 меѓу конструкторите лани, како и шампионската титула кај возачите за Ландо Норис.
„Мекларен спешл оперејшнс“ е одговорна за преобразбата, што значи дека нема „евтино фолирање“ тука. Автомобилот е рачно обоен во „Мијан оринџ“ порокалова боја (Myan Orange) и „Оникс блек“ црна (Onyx Black), одразувајќи го изгледот на болид што го освои шампионатот – „МЦЛ-39“. Секое возило има надворешност со тн. „Стелт“ третман во облик на супер-лесни ковани алуминиумски „Динамо“ тркала во сјајно-црна боја со црни ознаки, а има и не толку прикриен спортски издувен систем којшто веројатно произведува подобар звук од денешните Ф1-возила, објави порталот „Кликс“.
Спојот од светли и темни теми продолжува и внатре. На потпирачите за глава има извезена ознака „10“ во „Мекларен“ портокалова и во „Мијан“ портокалова боја на воланот, што е во контраст со тапацирот од карбон-црна и „Џет-блек напа“ (Jet Black Nappa) кожа.
Праговите се потпишани од возачите на „Мекларен“, победникот на Шампионатот во 2025 година, Ландо Норис, и неговиот партнер од тимот, Оскар Пјастре.
Цената на возилото сѐ уште не е официјално соопштена.
Механички, возилото е сè уште познатиот „Артура спајдер“ со хибридна моќност и брзина на суперавтомобил, напојуван од електрично потпомогнат 3,0-литарски двоен турбо-В6 мотор којшто произведува 700 коњски сили. Моделот забрзува од 0 до 100 км/ч за 3 секунди, а само 10 купувачи ќе имаат можност да поседуваат примерок.

