Skip to main content
Свет

Меѓународната комисија почна да ги истражува причините за падот на авионот, соопшти претседателот на Азербејџан

28/12/2024  19:50

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев изјави денеска во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин дека меѓународната комисија почнала да ги истражува причините за падот на патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс, што се случи на 25 декември во близина на градот Актау во Казахстан.

Алиев рече дека авионот на Азербејџан ерлајнс бил изложен на надворешно влијание во рускиот воздушен простор и дека пилотот последователно ја изгубил контролата над леталото, пренесе РИА Новости.

Во денешниот телефонски разговор со Алиев, Путин детално разговарал за прашањата поврзани со падот на патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс, соопшти Кремљ.

Во соопштението се наведува дека Путин се извинил за фактот што трагичниот инцидент се случил во рускиот воздушен простор и уште еднаш изразил длабоко и искрено сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакал брзо закрепнување.

Во разговорот меѓу Путин и Алиев било истакнато дека азербејџанскиот патнички авион повеќепати се обидел да слета на аеродромот во Грозни кога руските системи за противвоздушна одбрана ги одбиле нападите на украинските беспилотни летала.

Во моментов, двајца службеници на Јавното обвинителство на Азербејџан се во Грозни, каде работат заедно со претставници на Јавното обвинителство и Истражниот комитет на Руската Федерација.

Надлежните служби на Русија, Азербејџан и Казахстан тесно соработуваат на местото на падот на патничкиот авион во близина на градот Актау.

Авионот се урна во средата за време на планираниот лет од главниот град на Азербејџан, Баку, за Грозни во Чеченија, откако беше пренасочен и се обиде да изврши принудно слетување во близина на градот Актау во западен Казахстан.

Во авионската несреќа загинаа 38 лица, а 29 беа повредени, од кои многумина се здобија со тешки изгореници.