
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против четири лица – двајца странски државјани (од Бразил и Сирија) и двајца македонски државјани – поради сомнение за посредување во вршење проституција и перење пари.
Според обвинението, во периодот од декември 2023 до ноември 2024 година, првообвинетата, бразилска државјанка со престој во РСМ, заедно со второобвинетиот – македонски државјанин роден во Сирија – организирале мрежа за сексуална експлоатација на жени од Бразил, кои биле сместени во изнајмени станови во „Џевахир“ во Скопје. Преку веб-страницата eurogirlsescort.com нуделе сексуални услуги по однапред утврдени цени, а профилите ги водела првообвинетата, која организирала и логистика за клиентите. „Секоја жртва имала креиран еден или повеќе профили на веб сајтот: www.eurogirlsescort.com, каде биле постирани телефонски броеви и листа на цени на сексуални услуги што се движеле од 150 евра за половина час, 200 евра еден час, 300 евра два часа, 450 евра три часа и 800 евра за цела ноќ, како и фотографии со експлицитна содржина“, велат од ОЈО-ГОКК.
Обвинетите го делеле профитот, а парите ги трансферирале преку Вестерн Унион до лица во Бразил и Португалија, како и преку криптовалути, со цел да се прикрие нивното потекло.
Третообвинетиот и четвртообвинетиот се теретат за помагање во перење пари. Четвртиот обвинет, покрај што користел сексуални услуги, ѝ овозможил на една од жртвите да трансферира средства преку криптовалути и да ги претвори во готовина.
Обвинителството побара продолжување на притворот за тројца од обвинетите, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото.