Skip to main content
Балкан

Меѓународен притисок за изборни реформи во Албанија – ОБСЕ повикува на политички консензус

15/02/2026  13:03

Меѓународните претставници упатија нови повици до политичките партии во Албанија да ја активираат ад хок комисијата за изборни реформи и да започнат суштински дијалог за надминување на законските слабости во изборната рамка, во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Шефот на мисијата на ОБСЕ во Тирана, Мишел Таран, изјавил дека ја охрабрува работата на ад хок комисијата и изразил очекување дека таа наскоро ќе ги продолжи активностите. „Постојат одредени проблеми поврзани со изборниот закон, кој според нашата проценка сè уште не го достигнува потребното ниво на стандарди.

Тоа е препорака што континуирано ја повторуваат мисиите на ОДИХР“, посочил Таран. Амбасадорот не сакал да навлегува во политичките препукувања меѓу власта и опозицијата околу реформите, но нагласил дека постои согласност меѓу двете страни дека изборниот закон треба да биде изменет. „Имам впечаток дека пораката на ОДИХР е слушната. Без да влегувам во политичка дебата, што не е наша улога, се чини дека сите партии застапени во Парламентот се согласуваат дека реформата е неопходна и дека треба да се работи на нејзино унапредување“, изјавил амбасадорот, пренесуваат медиумите. Покрај чувствителните прашања како деполитизацијата на изборните комисии и регулативата за финансирање на политичките партии, од комисијата се очекува да работи и на подготовка на институциите за организирање избори за Европски парламент, во рамки на обврските што произлегуваат од членството на Албанија во Европската Унија.