Skip to main content
Македонија

Мега Парк или Мега депонија? – Децата во Ново Село играат врз еколошка бомба

22/09/2025  11:08

После три години ветувања и манипулации, граѓаните на Ѓорче Петров се сведоци на истата слика – „Мега Паркот“ врз затрупаната депонија во Ново Село на градоначалникот Александар Стојкоски е ништо друго освен најголемата еколошка бомба во општината, прикриена под тенок слој почва и трева.

„Ова е еколошка бомба, закопана под тенок слој земја и трева. Денес дрвата се болни, се сушат и паѓаат, сведочејќи дека почвата е контаминирана. А децата од околните училишта се носат тука на екскурзии. Градоначалнику Стојкоски, кажете ја вистината – дали ја исчистивте депонијата, каде е отпадот и дали ова место е безбедно за нашите деца?“ – изјави Маја Стојкоска, советник во Општина Ѓорче Петров.

Депонијата во Волково со години беше извор на загадување на почвата и водата во близина на реката Лепенец. Таму се фрлале кабаст отпад, градежен шут, мрши од животни и индустриски остатоци. Во неколку наврати граѓаните ги фотографираа и камионите на Општината како исфрлаат отпад на истиот простор.

Стојкоски пред да стане градоначалник најавуваше темелно чистење и анализа на почвата. Но во практика, наместо илјадници тони отпад, во Дрисла завршија само 8 камиони, и тоа во количина што не одговара на површината на депонијата. Дел од отпадот остана затрупан под земја – токму таму каде што денес е изграден парк за деца.

Иако денес истиот локалитет се претставува како парк за семејства, со затрупување на депонијата и поставување на тенок слој почва и тревник, проблемот не е решен. Напротив, создаден е ризик за идните генерации, кои на оваа токсична почва треба да се рекреираат и играат, а градоначалникот Стојкоски треба да одговори на клучните прашања:

Дали е исчистена депонијата?

Каде е ѓубрето?

И дали е безбедно ова место за нашите деца?