Skip to main content
Свет

Медински: Ако Украина не ги прифати условите на Русија, ќе загуби уште територии

11/06/2025  12:46

Советникот на рускиот претседател Владимир Путин и шеф на руската преговарачка делегација со Украина, Владимир Медински, изјави дека доколку Киев не ги прифати условите на Москва за прекин на војната, ќе загуби уште делови од својата територија.

Во интервју за американскиот весник „Волстрит џурнал“, Медински изјави дека „со Русија не може да се води долга војна“, повикувајќи се на историскиот пример со Големата северна војна (1700–1721) против Шведската империја, која, според него, покажува дека Русија издржува и победува во долготрајни конфликти.

– Ние сакаме мир. Но ако Украина продолжи да се раководи од туѓи национални интереси, ќе бидеме принудени да одговориме, нагласи Медински, алудирајќи на поддршката што Киев ја добива од Западот.

Тој не наведе конкретни територии кои се предмет на потенцијална дополнителна руска анексија, но изјавата доаѓа во време кога Москва инсистира на признавање на веќе окупираните територии како дел од Русија во евентуален мировен договор.