
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, оствари средба со Kристос Марафасос, кој за време на првата администрација на Доналд Трамп служеше како советник за економски политики, меѓународна трговија и енергетика, а подоцна беше дел од тимот за формирање на новата администрација и од комитетот за претседателската инаугурација во 2025 година во Соединетите Американски Држави.
За време на средбата се разговараше за можностите за зајакнување на економската соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, како и за продлабочување на партнерството со регионот.
„Економската соработка со Соединетите Американски Држави претставува значајна можност за развој на земјата и за зајакнување на нашите стратешки врски. Заедничките инвестиции и проекти, особено во енергетскиот сектор, можат да придонесат за енергетската безбедност и економскиот развој на регионот,” истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Во фокусот на разговорите беа енергетските проекти и потенцијалот за инвестиции, кои можат да придонесат за зголемување на енергетската безбедност, економскиот развој и за посилно поврзување на регионот со стратешките партнери.

