
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска ја започна официјалната посета на Република Турција со значајна средба со министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени, Мурат Курум.
На средбата, двајцата министри разговараа за можностите за продлабочување на соработката во справувањето со еколошките предизвици, особено преку адаптација на успешниот турски модел за борба против аерозагадувањето.
Како резултат на средбата, договорено е потпишување меѓудржавен меморандум за соработка, кој ќе опфати размена на искуства и заеднички активности во области како што се одржливо управување со индустриски, рударски, опасен и медицински отпад, како и третман и рециклирање на отпадни води. Дополнително, соработката ќе вклучува системи за мониторинг на квалитетот на воздухот, примена на најдобри еколошки практики во индустријата, борба против климатските промени, како и развој на обновливи извори на енергија.
Двете страни се согласија на соработка во управување со хемикалии и чистење на контаминирани подрачја, како и на заштита на природата и биолошката разновидност во заштитените подрачја. Покрај тоа, ќе се работи на развој на географски информациски системи за животната средина и усогласување на релевантното законодавство.
За постигнување на овие цели, договорено е воспоставување програми за научни посети на истражувачи, експерти и невладини организации, како и размена на научни и технички информации. Проектите за соработка ќе се реализираат преку меѓународни договори и финансиски програми достапни за Северна Македонија и Турција.
Во рамките на официјалната посета, Меџити ќе се сретне и со турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, а заедно со премиерот Христијан Мицковски ќе присуствува на државна вечера организирана од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.