
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес го презентираше сеопфатниот концепт за енергетска ефикасност на колективните згради, во рамки на неговата платформа како кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир.
Настанот се одржа пред колективна зграда која веќе е во процес на обнова со енергетски фасади, каде што Меџити нагласи дека овој проект означува почеток на урбаната трансформација во Чаир, со цел секоја зграда која нема енергетска ефикасност да може да добие субвенции за нова, енергетски ефикасна фасада.
„Ова не е само естетско прашање, туку прашање на достоинство и квалитет на живот“, истакна Меџити, додавајќи дека придобивките директно ќе се почувствуваат во семејниот буџет преку пониски сметки за енергија и подобри услови за живеење.
Претставениот план вклучува и четири специјални мерки, кои имаат за цел значително зголемување на енергетската ефикасност и поддршка на најранливите категории граѓани:
-Посебен општински фонд за енергетска ефикасност, за директна помош на пензионери, самохрани родители и семејства со ниски приходи, кои покрај фасадата ќе можат да ги заменат и прозорците и покривите.
-Зелени училишта, преку реновирање на образовните институции со соларни панели, термичка изолација и ефикасно осветлување.
-Забрана за прекин на електрична енергија за ранливи категории, согласно новиот Закон за енергетика, кој веќе е усвоен.
-Поддршка за граѓаните во формирање на енергетски заедници, кои ќе можат заеднички да произведуваат и користат електрична енергија од обновливи извори.
Меџити исто така потенцираше дека овој план ќе биде конкретна и долгорочна инвестиција за жителите на секое маало во Чаир.