Skip to main content
Скопје

Меџити: Османи нема морално право да зборува за дивоградби, и самиот живее во легализирана дивоградба

08/08/2025  16:04

Првиот вицепремиер Изет Меџити, кој е и кандидат за градоначалник на општина Чаир, изјави дека дивоградбите нема да бидат голема тема на претстојните локални избори. Воедно, тој остро му реплицираше на противкандидатот од Европскиот фронт и негов поранешен сопартиец, Бујар Османи, обвинувајќи го дека и самиот има изградено дивоградба во Чаир, која подоцна била легализирана.

„Добро е Бујар Османи, пред да зборува за дивоградби, да каже дека живее во дивоградба. Куќата која е изградена од него е изградена како дивоградба и е легализирана. Тој најмалку има морално право да зборува за тоа. И да е легализирана сега, куќата беше изградена како дивоградба. Тој цело време беше министер, беше на неколку функции, има легализирана дивоградба, а сега зборува за дивоградбите на обичните граѓани и на социјалните случаи кои немаат други можности,“ изјави Меџити.

Тој додаде дека не очекува ова прашање да биде клучна точка во кампањата и најави мораториум за нови дивоградби доколку ја добие функцијата. „Потенцирам, ако некој најмногу нема право да зборува за дивоградбите, тоа е Бујар Османи,“ порача Меџити.

Во врска со шпекулациите дека не живее во Чаир, туку во Бутел, и дека тоа може да биде пречка за неговата кандидатура, Меџити одговори дека на ова ќе реагира кога ќе започне кампањата. „Роден сум и сите овие години живеам во Чаир,“ рече тој.

Сепак, медиумите пред десетина дена објавија документ – извод од избирачкиот список на Државната изборна комисија – според кој Меџити е пријавен со адреса во општина Бутел. Доколку овој податок е точен, законот би можел да го спречи да се кандидира за градоначалник на Чаир, бидејќи еден од условите за кандидатура е кандидатот да има постојано место на живеење во општината најмалку три години пред поднесувањето на кандидатурата.

Според избирачкиот список, Меџити би можел да се кандидира за прв човек на Бутел, но не и за градоначалник на Чаир, каде формално нема постојано живеалиште во последните три години.