
Владата е посветена на изградба на правен и институционален систем кој гарантира реална, а не само формална еднаквост, изјави првиот вицепремиер Изет Меџити. Тој посочи дека последиците од формалната еднаквост се чувствуваат во земјата, наведувајќи го примерот со, како што рече, половичниот Закон за употреба на албанскиот јазик, оспорен пред Уставниот суд, како и укинатиот механизам на балансерот од страна на Судот.
Меџити истакна дека Уставниот суд во мултиетничка држава има стратешка мисија да го штити не само уставниот поредок, туку и мирот меѓу заедниците, како и да ја гради меѓуетничката доверба преку аргументирани и транспарентни одлуки.
Владата, додаде тој, ја зајакнува употребата на јазиците согласно Охридскиот договор и Уставот, спроведува инклузивни политики во образованието и културата, гради мултиетничка државна служба и поддржува реформи во правосудството за независно и непристрасно судство.
Меџити посочи дека во тек е изработка на Законот за правична застапеност, а вработувањата и унапредувањата во администрацијата продолжуваат, наведувајќи дека оваа година е најуспешната од осамостојувањето на Македонија.
Тој нагласи дека владата подготвува и закони кои ја продлабочуваат локалната демократија, ја зголемуваат отчетноста кон граѓаните и им даваат повеќе надлежности на општините.
„Духот што сакаме да го инсталираме во нашето општество е духот на соживот, меѓусебна почит и заедничка надеж за иднината. Нема вистинска демократија без доверба, и нема функционална држава без еднаквост“, рече Меџити, додавајќи дека Охридскиот договор треба да се реализира во секојдневни закони, политики и институции кои му служат на граѓанинот со чесност.