Skip to main content
Скопје

Меџити oчекува апсолутна победа на изборите во октомври

24/08/2025  10:54

Конкретна и прагматична програма во неколку столбови со визија за наредните 50 години како Чаир да биде урбана општина и многу подобро место за живеење за граѓаните, најавува кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Коалицијата ВРЕДИ и актуелен прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Меџити во интервју за МИА вели дека довербата од граѓаните за следните четири години ќе ја бара со мастерплан, кој ќе даде сообраќајно решение на главните артерии во Чаир за луѓето да можат многу полесно да се движат, а ќе даде решение и во однос на зеленило, тротоари, урбанизација… дивоградбите, вели, нема да се уриваат, но ќе се стави мораториум за нови градби.

-Чаир ќе биде прва општина што нема да има ѓубре и сите контејнери ќе бидат подземни. Мислам дека тоа ќе придонесе за многу почист, позелен Чаир.

-Имаме визија како паркирањето да се реши целосно во Чаир. Најава за 500 нови паркинг места во Старата скопска чаршија, 100 во Гази Баба и нови паркинзи во Чаирчанка, на Пластичарска, како и зонско паркирање во одредени делови од Чаир.

-Старата скопска чаршија во моментот е најатрактивното место, не на ниво на Скопје, туку на ниво на цела држава. И сега е добро, но може многу подобро. Имаме визија и програма и за Старата скопска чаршија.

-Од 1 септември две од основните училишта ќе бидат само во една смена и тоа ќе биде наша интенција да го направиме и со другите училишта со реорганизација и со изградба на нови училишта.

-Очекувам апсолутна победа на ВРЕДИ во Чаир и во однос на советниците и во однос на градоначалник и дека битката ќе заврши во првиот круг.