
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, придружен од претседателот на Собранието, Африм Гаши и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денес ја посетија населбата Сингелиќ, каде одблиску ги следеа градежните активности за изградба на каналот за атмосферски води кој поминува низ оваа населба.
Меџити за време на посетата изјави дека овој проект со години чекал на реализација, бил ветуван и преветуван од претходните влади, но никогаш не бил реализиран.
„Оваа населба скапо ја плати оставеноста во заборав на овој канал, плати со човечки животи за несериозноста на ДУИ и бројните нејзини функционери во однос на изградбата на овој проект. Поплавите во 2016 година однесоа 23 човечки животи и предизвикаа немерливи штети, а една од главните причини беше токму недостигот од соодветен канал”, рече Меџити.
Тој информираше дека заедно со претседателот на Собранието, Африм Гаши и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, внимателно ги следат градежните работи и динамиката на реализацијата на изградбата на овој животно важен канал за населбата, кој, како што беше ветено – сега станува реалност.
„Со буџет од 38 милиони денари, 21 милион денари обезбедени од Министерството за животна средина, за првата фаза и 17 милиони од општина Гази Баба за втората фаза, го градиме овој канал со должина од 1350 метри и ширина до 10 метри, носејќи преку неговата изградба: безбедност, заштита и достоинство за жителите”, додаде Меџити.