
Првиот вицепремиер Изет Меџити денес се обрати на свеченоста по повод 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, историскиот документ кој во август 2001 година стави крај на вооружениот конфликт и ја отвори патеката кон стабилна, демократска и инклузивна иднина за сите граѓани на државата.
Во своето обраќање, Меџити потсети дека месецот август носи силна симболика за Република Северна Македонија, бидејќи ги обединува двата темелни датума на современата државност – Илинден и Охридскиот договор. „Тие не треба да постојат само во календарот, туку и во нашата колективна свест. Само преку заеднички напори, жртва и дијалог можеме да изградиме функционално, праведно и демократско општество“, истакна тој.
Според Меџити, Охридскиот рамковен договор не е само политички документ, туку визионерски акт и историска обврска за изградба на држава во која секој граѓанин се чувствува еднаков, претставен и почитуван. „Албанците, Македонците и сите други етнички заедници не се само делови од државата – тие се нејзини соосновачи. Повикани сме да живееме и да создаваме заедно, да ги делиме одговорностите и успесите“, нагласи тој.
Во контекст на претстојните локални избори на 19 октомври, Меџити упати апел за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната зрелост и политичката одговорност. „Граѓаните очекуваат работа, а не бучава. Очекуваат решенија, а не оправдувања“, порача првиот вицепремиер.
Тој заклучи дека сеќавањето на Охридскиот рамковен договор мора да остане трајна обврска за сите – за изградба на поправедно, поеднакво и пообединето општество, каде заедничкиот дом, Република Северна Македонија, ќе се штити, гради и унапредува за идните генерации.