Skip to main content
Македонија

Мециновиќ: Левица поднесе Закон за ограничување на патните трошоци

20/01/2025  14:03

Соопштение на Левица:

Левица предлага конечно ограничување на патните трошоци на пратениците – ова го истакна на денешната прес-конференција пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ. 

– Како анти-естаблишмент партија, бараме кратење на овие функционерски привилегии, почнувајќи со ограничување на сумите за патни трошоци на пратениците. Ние не земаме, ниту ќе земаме патни трошоци и сметаме дека е неопходно мнозинството да усвои рационален закон за нивно ограничување. Имено, познато е дека патните трошоци се злоупотребуваат од страна на функционерите, што создава неверојатна фрустрација кај народот. Нашиот предлог е патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри гориво на секои 100 километри изминати. Сметаме дека ова е далеку пореално и рационално решение, кое ќе биде прифатливо за целиот парламент, а ќе стави крај на астрономските суми кои пратениците ги земаат од државниот буџет – појасни Мециновиќ на прес-конференцијата.

Тој додаде дека за Левица одговара и нивното целосно укинување, но за да биде прифатливо за мнозинството, го предлагаат во оваа форма. Во услови кога животот на граѓаните е сè полош, а Македонија една од најсиромашните држави во Европа, неодговорното однесување на функционерите и нивното привилегирање во недоглед е недозволиво.

– Само Левица се бори за интересите на народот и против самоволието и привилегирањето на функционерите. Ние ќе продолжиме да бидеме гласот на оние кои се вон институциите, а да го прекинеме самоволието на функционерите – потенцираше тој.

Мециновиќ истакна дека Левица продолжува да се бори за праведност, еднаквост и прераспределба и дека ова е само една од многуте чекори во нашата борба за правичен систем кој ќе работи за доброто на сите граѓани, а не само за малкумина.

– Пратениците од другите партии сега земаат пари за амортизација, за патарини, земаат пари како да возат на керозин, а не на бензин. Ние не земаме патни трошоци, не затоа што сме будали, туку затоа што сметаме дека платите на функционерите се доволно големи за да ги покријат овие трошоци, а знаеме дека мнозинството нема да го прифати, доколку ја предложиме измената којашто ја предложивме во минатиот мандат, кога баравме надоместокот да го изедначиме со една автобуска карта. Но бидејќи знаеме дека мнозинството повторно нема да го прифати тој предлог, ние нудиме рационално и прифатливо решение – рече Мециновиќ.

– Во овој момент многу пратеници креативно и вешто постапуваат, па пола година земаат патни трошоци, а пола година земаат кирија. Зошто? За, всушност, кога ќе дојдат пресметките за патни трошоци да не се најдат во оние топ пет – топ десет функционери со наплатени патни трошоци, така што овој закон не се однесува на кириите, туку на патните трошоци – образложи портпаролот Мециновиќ, одговарајќи на новинарско прашање.

– Од пратеничката група на Левица никој не користи надоместоци за патни трошоци, ниту пак за кирии, иако имаме пратеници и од Гевгелија и од Струга, коишто се на екстремите на Македонија, од каде, всушност, пратениците земаат и по 800.000 денари за патни трошоци. Нашите пратеници си плаќаат сами кирија во Скопје, од својата пратеничка плата – дополни Мециновиќ.

– Нашите колеги пратеници повеќе се вреѓаат кога ги напаѓаме за патни трошоци, отколку кога ќе им кажеме дека се слуги на олигархијата. Со нив не комуницираме директно, комуницираме преку јавноста, бидејќи на овие функционери им треба јавен притисок, а не некое рационално молење со нив. Само преку јавен притисок и артикулирање на оваа тема, може да се постигне некој ефект – поентираше Мециновиќ од Левица.