Skip to main content
Македонија

Мечки почнаа да се приближуваат кон населени места околу националниот парк „Шар Планина“

28/05/2025  15:01

Во последните две недели, сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк „Шар Планина“, информираат оттаму.

Овој феномен, според нив, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.

За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки, велат од Националниот парк.

Бараат доброволни донации на јаболки и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката, која претежно е растително базирана.

Дистрибуцијата на храната ќе ја извршува Управата на Националниот парк, во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот, каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.

Од Националниот парк велат дека преку оваа акција:

– ќе се спречи несакано приближување на мечки до населени места.

– ќе се помогне во зачувување на нивната природна навика за исхрана.

– ќе се овозможи мониторинг на нивната бројност, здравје и старосна структура.

Прифатливи се само јаболкa и пченка од домашно производство, без хемиски третмани.

Видеото од снимените мечки можете да го погледнете со клик ТУКА.