
Министерството за дигитална трансформација (МДТ) апелира на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници.
Во овие најтешки моменти за македонската држава и народ од нејзиното осамостојување, како Министерство надлежно за уредување на прашањата поврзани со медиумите и медиумското работење, апелираме на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници.
Недопустливи се заканите упатени кон новинари, уредници и медиуми, кои имаат за цел да спречат непристрасно, отворено и квалитетно медиумско известување.
Споредено со многу поразвиени општества, македонските медиуми и медиумски работници покажуваат исклучителна професионалност во работата и известувањето, во овие траорни моменти на колективна тага и гнев.
Апелираме до надлежните институции за итна и ефикасна реакција, со цел да се утврди одговорноста на секој оној кој се заканува и го попречува работењето на медиумите за да се обезбеди заштита на новинарите од вакви притисоци.
Овие тешки моменти се тест за целата држава. Ќе ги следиме и во иднина сите слични случаи, затоа што безбедноста на новинарите е од најголема важност за функционирање на демократијата, наведуваат од МДТ.