
Денешното отворање на Октоберфест се одложува поради инцидентот на северот од Минхен каде, под сè уште неразјаснети околности, избувна пожар во куќа во која беа поставени и експлозивни направи, а полицијата во моментов истражува поврзаност со Октоберфест.
„Можната поврзаност со други локации во Минхен, вклучувајќи го и Терезиенвизе (местото на одржување на Октоберфест), моментално се истражува. Затоа, отворањето за јавноста се одложува“, соопшти полицијата во баварската престолнина преку платформата X.
Претходно, полицијата во северниот дел од градот, во округот Лерхенау, започна голема операција откако експлозивни направи беа пронајдени во куќа која се запали. Полицијата соопшти дека на местото на настанот е пронајдено и едно лице кое им подлегнало на повредите, без да прецизира за какви повреди станува збор.
Соседите од куќата каде што избувнал пожарот им раскажале на медиумите како рано наутро ги разбудиле звуци што звучеле како истрели.
Весникот „Билд“ објави дека починатиот е маж кој поставил експлозивни направи во куќата на своите родители и на крајот си го одзел животот. Медиумите објавија дека сторителот оставил порака во која пишал дека поставил бомба на Октоберфест.