Skip to main content
Свет

Маж починал на лет од Истанбул кон Сан Франциско- телото мистериозно исчезнало

25/07/2025  18:47

„Туркиш ерлајнс“ одбиле да откријат какви било детали за починатиот патник, вклучително и неговата националност, пишува SFGATE.

Според услугата FlightAware, летот број 79 полетал од Истанбул на 13 јули. Додека бил над Гренланд, се случил инцидентот, како што објави блогот за авијација Aviation A2Z.

„Донесена е одлука да се продолжи кон Северна Америка, наместо да се пренасочи надвор од воздушниот простор на САД“, изјавија од „Авиејшн А2З“ за SFGATE. „По влегувањето во воздушниот простор над Соединетите Американски Држави, екипажот одлучил да слета на аеродромот во Чикаго О’Хара, голем меѓународен центар способен за справување со итни слетувања со соодветна медицинска поддршка и капацитети“, додадоа тие.

Ертугрул Ѓулсен, раководител на станицата на „Туркиш ерлајнс“ во Сан Франциско, потврди дека авионот бил пренасочен кон меѓународниот аеродром О’Хара во Чикаго токму поради смртта на патникот.

Мистерија во Чикаго

По слетувањето во Чикаго, телото на починатиот требало да биде под надлежност на Канцеларијата на медицинскиот испитувач на округот Кук. Сепак, портпаролката на канцеларијата, Наталија Деревјани, изјави дека „не биле информирани“ за случај што одговара на описот од овој лет и дека немаат евиденција за починатиот патник.

Менаџерот на станицата, Ѓулсен, не сакал да дава дополнителни коментари за трагичниот настан. Тој потврди само дека преостанатите патници биле префрлени на друг авион, кој подоцна пристигнал на нивната дестинација во Сан Франциско. Портпаролот на „Туркиш ерлајнс“ не одговорил на повеќекратните прашања испратени по е-пошта.

Сè уште не е јасно каде се посмртните останки.