
Маж од кичевско ќе добие 300.000 денари надомест за претрпени физички болки и страв, откако бил нападнат од мечка, пренесува „Слободен печат“.
Инцидентот се случил во август 2022 година, кога мажот пеш се враќал од нива кон својот дом. Без провокација бил нападнат од мечката, која го гризнала. При нападот тој се здобил со повреди на десната страна од челото и слепоочницата, како и со нагмечувања на дланките и натколеницата.
По настанот бил хоспитализиран во болницата во Прилеп, каде што му биле хируршки санирани повредите, а примил и вакцина против беснило. Поради последиците од нападот, побарал и психијатриска помош. Според медицинските наоди, болките со силен интензитет траеле околу десет дена, особено во пределот на главата и дланките.
Основниот суд во Кичево првично му досудил 350.000 денари за нематеријална штета. Сепак, по жалба, случајот бил разгледан од Апелациониот суд во Гостивар, кој ја намалил отштетата на 300.000 денари.
Со конечната одлука, на оштетениот му се доделени 100.000 денари за физички болки, 100.000 денари за претрпен страв, 50.000 денари за намалена општа животна активност и 50.000 денари за душевни болки поради нагрденост.
Во жалбата, тужителот побарал повисок износ, наведувајќи дека институциите не презеле доволно мерки за заштита од вакви напади. Апелациониот суд, пак, оценил дека првично досудената сума е превисока и ја намалил отштетата.


