Skip to main content
Свет

Масовни протести низ САД откако агент на ICE уби жена

11/01/2026  08:08

Десетици илјади луѓе учествуваа на бројни собири вчера во знак на протест против методите на Службата за имиграција и царина (ICE), откако еден од нејзините агенти уби 37-годишна жена во Минеаполис.

Илјадници луѓе се собраа во Минеаполис, пркосејќи му на студот од -7 степени Целзиусови, и го скандираа името на жртвата и држеа транспаренти непријателски настроени кон федералната полиција во парк покриен со снег во близина на местото на пукањето.

Дру Ленцмаер, 30, изјави за АФП дека се чувствува како да „се лизга во авторитарна диктатура“.

„Никој не ја спречува администрацијата на Трамп да убива граѓани, да краде и да киднапира луѓе. Време е да се запре тоа“, рече тој.

На Источниот брег, во Бостон, на повеќе од 2.000 километри оддалеченост, Бил Торкасо исто така им се придружи на другите демонстранти.

„Единствениот принцип што нè обединува е еднаквоста пред законот. Тоа е она во што верувам најдлабоко и тоа е она што мислам дека Трамп постојано го прекршува. Тоа е неприфатливо“, рече тој.

Смртта на оваа американска мајка, убиена во среда во нејзиниот автомобил, предизвика силни емоции во нејзиниот град, демократско упориште, но и меѓу Американците загрижени за методите за борба против нелегалната имиграција, која Трамп ја претвори во национален приоритет.

Вчера наутро, три демократски конгресменки од Минесота ја посетија федералната зграда во предградието на Минеаполис, каде што се наоѓа канцеларијата за имиграција. Меѓу нив беше и Илхан Омар, истакната личност на американската левица од сомалиско потекло.

Но, штом влегле, биле замолени да си заминат, рекле тие.

„Она што се случи денес е јасен обид да се спречат членовите на Конгресот да ја извршуваат својата надзорна улога“, се пожали Илхан Омар.