
Милијардерот Илон Маск денеска изјави дека жали за некои од неговите минатонеделни објави на социјалните мрежи за американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи оти отишле „предалеку“.
– Жалам за некои од моите објави за претседателот Доналд Трамп минатата недела. Отидоа предалеку, наведе Маск на Икс.
Трамп и Маск минатата недела разменија навреди на социјалните мрежи, при што извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс Икс“ законот за трошоците и даноците на претседателот го оцени како „одвратен“.
Маск подоцна избриша некои од своите објави во кои го критикува Трамп, вклучително и една во која се сугерираше дека тој поддржува отповикување на претседателот.
Извори блиски до Маск изјавија дека неговиот гнев почнал да се смирува и оти можеби се обидува да го поправи односот со претседателот.