
Тренерот на Работнички, Бојан Маркоски, оцени дека синоќешннот пораз од белоруски Торпедо – Белаз од 3-0 во првиот натпревар од воведното квалификациско коло во Конференциската лига е превисок, но оти неговите играчи ќе дадат максимум на реваншот идната недела во Скопје.
„Беше тоа тежок натпревар и убедлив пораз за нас, а според мое мислење не заслуживме таков пораз од 3-0“, истакна Маркоски на прес конференцијата по натпреварот кој се одигра на неутрален терен во Унгарија.
„Противникот беше поискусен тим, знаеше тоа да го искористи, го отвори резултатот од корнер, од воиграна акција која пред мечот им ја напоменавме на играчите. Првите 15 минути имаа контрола, потоа беа и многу подобар тим. Ние имавме една шанса пред крајот на првото полувреме која требаше да ја реализираме. Го започнавме вториот дел подобро, но имаше две ситуации во кои не реагиравме најдобро и тие постигнаа уште два гола. Еден шут заврши во мрежата, а во судиското продолжение беше неприфатливо да примиме уште еден гол“, анализираше стратегот на Работнички.
Реваншот е закажан за идниот четврток на Националната арена Тодор Проески“ во Скопје со почеток во 18 часот.
„Има уште еден натпревар во кој ќе се обидеме да ја надоместиме негативата, не се откажуваме, ќе го дадеме максимумот.“, порача Маркоски.