
Марија Цветановска е пример за успешна Македонка која со многу напорна работа и без откажувања им докажа на Македонците, но и на светот дека хобито може да прерасне во сериозен бизнис кој ги надминува границите на оваа држава.
Таа својата пасија да научи самата да си ги негува ноктите пред 11 години ја претвори во мал сопствен бизнис – “Велвет”, кој од мал салон за убавина сега веќе прерасна во училиште за убавина, а истиот го има и во уште една голема европска метропол – Ротердам во Холандија.
Покрај сетоа ова Марија е и мајка на 5 месечно бебе и е вистински пример за посветена мајка, сопруга, но и успешна бизнис жена во исто време. Тоа беше причина да поразговараме со неа и малку повеќе да ни раскаже за својата успешна животна приказна!
1. Кога и како го започнавте бизнисот?
Приказната со „Велвет“ започна пред 11 години. Многу спонтано и без посебен план. Едноставно сакав да научам да си ги правам ноктите сама..Си помислив: кога веќе учам – зошто не би научила и повеќе, па да можам да работам како маникир техничар..И така се запишав на обука за маникир од нула. За многу кратко сфатив колку таа работа ме исполнува, па почнав да посакувам нешто поголемо.
Сè произлезе од искрената љубов кон естетиката и мојата спонтаност и интуиција. Имав желба да создадам уникатно место во Скопје, каде јас и моите другарки (клиентки), ќе можеме да се почувствуваме како дома, ќе си поминеме убаво, а притоа тие ќе излезат од кај мене негувани и самоуверени. Изработката на нокти за мене не беше само занает, туку уметност и начин на изразување.
Имав голем сон и визија – Правењето на нокти во „Велвет“ да биде ритуал, а секоја клиентка да замине со насмевка и нова доза самодоверба.
2. Како дојде до проширување на бизнисот надвор од границите на Македонија?
Идејата се роди како природен чекор како резултат на долгогодишната соработка со интернационални европски партнери и брендови. Заедно со мојот сопруг, кој има професионални музички ангажмани во Холандија заминавме на некое време, без идеја дека токму тоа ќе биде нашиот нов дом. По кратко време таму, ја препознавме како земја со огромен потенцијал и високо развиена индустрија за убавина и естетика,со стандарди, па токму затоа решивме таму да ја започнеме нашата следна приказна.
Првиот чекор беше мое професионално дообразување. Запишав мастер за Бизнис Администрација во Амстердам. Тековно, следеше отворањето на академијата за едукација, бидејќи верувам дека знаењето има најголема вредност кога се споделува. А, и јас лично отсекогаш сум имала порив да пренесувам знаење, да бидам “наставничка” хаха. Морам да кажам дека мастерот беше клучен фактор за охрабрување. Учење од професионалци во својата сфера, запознавање колеги од целиот свет со различни бизнис приказни и идеи – дополнително ме мотивираа и инспирираа секојдневно.
За кратко започнав со организирање на професионални сертифицирани обуки за нокти, каде оние девојки кои ме одбраа мене како свој ментор имаа можност да се научат и да се усовршуваат и да ја изградат својата иднина во индустријата со моја безусловна поддршка низ целиот процес.
Откако академијата “застана на цврсти нозе”, природен следен чекор беше отворањето на салон за работа со клиенти. Со тоа, создавање простор каде клиентите директно можат да го искусат квалитетот и професионализмот по кои „Велвет“ е веќе познат како бренд.
Мојата цел со Велвет не е само убавина, туку и инспирација, образование и ширење на европскиот пазар со препознатливи стандарди на квалитет. Холандија ни го овозможи тоа. Имам чувство дека токму во Ротердам има простор за изразување на мојата креативност во однос на Велвет, па затоа често се впуштам во нови авантури и проекти. Тековно, на различни начини наидувам на голема поддршка од страна на моето опкружување и клиенти. Верувам дека вистинскиот успех е кога твојата работа инспирира други – било тоа да се познаници, пријатели, роднини, идни професионалци или задоволни клиенти.
3. Тешко ли е постојано да се биде на релација Скопје – Ротердам? Кој повеќе посветува внимание на негата и убавината, Македонките или Холанѓанките?
Добрата организациона поставеност на „Велвет“ која ја градиме со години, лојалноста на вработените и поддршката од најблиските прават да не ги почуствувам тешкотиите во паралелното работење, туку напротив – да ми бидат поттик, инспирација и забава. Секако, некогаш е тешко и си носи свои ситни негативности, но која е понтата во работењето ако воопшто нема предизвици ?!
Носењето новитети од Холандија во салонот во Скопје ми создава возбуда и чувство на радост секој пат кога доаѓам тука, па така секое патување ми е исполнето со интересни и значајни моменти.
Иако секоја жена е уникатна и индивидуална, генерално сметам дека Македонките обрнуваат поголемо внимание на негата, чистотата и елеганцијата, додека Холанѓанките се исто така посветени, но со поразличен пристап. Кај нив е многу популарен природниот однос кон убавината – комбинацијата на здрава исхрана, активно тело и минималистички третмани што ја нагласуваат природната свежина.
(сепак: Не ќе се роди поубаво девојче од Македонче) хахах
Двете култури имаат свои предности и убавини, а за мене е вистинска привилегија да учам од нив, да спојувам различни стилови и да ја носам таа разноликост во мојата работа. Верувам дека токму оваа комбинација создава уникатен потпис на „Велвет“.
4. Зошто одбравте баш во Холандија да го проширите бизнисот? Дали планирате во иднина да отворите салон и во уште некоја европска метропола?
Холандија е земја која важи за лулка на стартапите (Startup) во Европа – a jaс го доживувам како динамично место каде креативни млади луѓе од целиот свет добиваат можност да ги остварат своите бизнис цели. Таа енергија и тоа движење ме инспирираа и ми дадоа дополнителен мотив „Велвет“ да стане уште подобар и посилен бренд токму тамиу.
„Велвет“ не е само салон, туку и академија, и исто така заедница на успешни девојки и жени кои се поддржуваат меѓусебно, промовираат нови идеи и споделуваат искуства од најразлични животни области. Барав начин како таа енергија да ја изнесам надвор од границите на Македонија, и Холандија беше вистинската земја за тоа.
Секако, сплетот на животни околности и професионалните ангажмани на мојот сопруг, кој е музичар и го снимаше својот албум во Холандија, беа дополнителен фактор што сите „коцки“ се споија на совршен начин.
Моментално сме на релација Македонија – Холандија, и тоа ни овозможува постојано размена на идеи и новитети. За иднината веќе подготвуваме интересни проекти и локации, но засега ќе останат мало изненадување.
5. Вие сте прва Македонка која преку школата Велвет доби лиценца за онлајн да обучува нови млади талентирани лица. Кажете нешто повеќе за ова. Кој може да се пријави, што се може да се изучи, што е потребно да поседува и со што ќе се здобие по завршувањето на курсот? Како ова ќе им помогне на младите уметници и креативци?
Идејата за онлајн едукација тлееше од поодамна, уште од времето на COVID, но сега конечно си ја доби својата финална форма. Со самиот модерен пристап на холанѓаните кон онлајн изучувањето се почуствував мотивирано конечно да пристапам кон креација на тие обуки. Недостапноста на вакви обуки на македонски јазик надвор од границите на Македонија, ме инспириаше дополнително, многу детално да се посветам и да ги изработам на начин на кој ќе го пренесам моето знаење на мојот мајчин јазик, достапно за сите кои сакаат да учат на македонски, од било која точка на планетата. Преку Академијата „Велвет“ (www.thevelvetschool.com) нудиме современ и флексибилен модел на едукација кој овозможува пристап до знаење и професионални алатки за сите кои имаат интерес кон маникир и убавина, без разлика дали се почетници или веќе имаат предзнаење. Со лиценцираната онлајн програма, кандидатките добиваат можност да учат, преку видео-материјали, интерактивни предавања и практични насоки. Секако, со континуирана поддршка од моја страна.
Курсевите се дизајнирани според нивото на познавање и потребите на кандидатите:
· Видео курсеви за почетници – наменета за жени без претходно искуство кои сакаат да ги научат основите на маникирот од нула.
· „Биди сам свој мајстор“ – обука за жени кои сакаат самостојно да се грижат за сопствените нокти и негата дома.
· Совршен Velvet френч маникир – специјализиран курс за усовршување на техниката на француски маникир, кој е препознатлив потпис на нашиот бренд.
· Бизнис консултации за бјути индустријата – за оние кои сакаат да ја развијат својата кариера или да започнат сопствен бизнис во оваа сфера.
За сите кои сакаат практична и персонализирана едукација, Академијата „Велвет“ нуди и директни 1-на-1 професионални обуки во Скопје и Ротердам.
По завршувањето на курсевите, кандидатките се здобиваат со сертификат за професионална компетентност, како и со знаење и практични вештини кои им овозможуваат да работат како професионалци или да отворат сопствен салон. На тој начин, оние кои ги поминале курсевите не само што добиваат стручно усовршување, туку и алатки за економска независност, личен развој и вклучување во глобалната бјути индустрија.
6. Како се менаџира успешен професионален живот и исполнет приватен живот со сопруг и дете? Која е тајната на успехот?
Балансот меѓу професионален и приватен живот го постигнувам со јасни приоритети и добра организација. Секогаш одвојувам време за семејството и за себе, но истовремено сум посветена на својата работа. Имам воспоставено некој сопствен ‘хибрид модел’ на фукционирање во секојдневието, и без многу стрес, без строги временски рамки пробувам да ги избалансирам двете работи. Тајната е во посветеноста, јасната визија и притоа во љубовта кон тоа што го работите. Велвет е дел од мојот живот, но семејството приоритет. Добивам безусловна поддршка од сопругот, се обидувам уживам во секој момент, без да се чувствувам виновна што сум фокусирана на различни аспекти од животот. Секако, на тоа придонесува и животот со музичар. Се е полесно со песна хахаха.
7. Каков совет би им дале на сите оние кои во моментов се размислуваат да започнат сопствен бизнис, но не знаат како да започнат?
Секој на светот има своја приказна. Не се споредувајте со никој и не пробувајте да ги задоволите сите. Не слушајте туѓи совети, тие се засновани врз туѓа перспектива. Ова е вашиот пат, истражувајте, следете го своето срце и својата интуиција и не се откажувајте од својот сон…
И правете го тоа со некој што го гледа вашиот потенцијал, го храни вашиот дух и безусловно ве поддржува.
Наталија Јосифоска