Skip to main content
Балкан

Марихуаната тргнала од Македонија – Србија со најголема заплена во историјата

31/01/2026  22:35

Петмина осомничени во случајот со рекордната заплена на повеќе од пет тони марихуана пронајдени во четвртокот во селото Коњух, во близина на Крушевац, се бранеа со молчење пред Обвинителството за организиран криминал на Србија.

Како што соопшти обвинителството, јавниот обвинител издал наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски, поради сомнение за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

По сослушувањето, на кое сите осомничени го искористиле своето законско право да не даваат изјава, обвинителството му предложи на судијата за претходна постапка при Специјалното одделение за организиран криминал на Вишиот суд во Белград, на сите да им биде определен притвор. Предлогот е образложен со тежината на делото и со количината на запленетата дрога – вкупно 5.002.079,18 грама марихуана.

Дополнително, бидејќи осомничениот Александар Мијајловиќ, кој според истрагата се смета за организатор на криминалната група, е во бегство, до судот е поднесен и предлог за распишување потерница, вклучително и меѓународна.

Според наводите од истрагата, организираната криминална група дејствувала на меѓународно ниво. Во периодот од почетокот на јануари до 29 јануари 2026 година, на територијата на Република Северна Македонија била набавена целата количина марихуана. Дрогата, според планот на организаторот, била транспортирана преку граница од страна на осомничениот Иван Драгниќ до магацин во сопственост на семејството Спасојевиќ, од каде што Урош Младеновски ја преземал за понатамошна дистрибуција.

Особено внимание привлекува фактот што Иван Драгниќ, според српските медиуми, е косопственик на компанијата „Алфафарм“ во Скопје, регистрирана за производство и преработка на медицински канабис.

Обвинителството наведува дека поради меѓународниот карактер на дел од дејствијата, истрагата ќе продолжи со цел целосно расветлување на случајот, идентификација на сите инволвирани лица и утврдување на потеклото на наркотичната дрога.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по посетата на местото на заплената изјави дека станува збор за најголема заплена на дрога во историјата на Србија. Досегашниот рекорд, како што потсети тој, изнесувал 1.960 килограми, додека во текот на целата мината година биле запленети вкупно 6,1 тони различни наркотични супстанции.