Skip to main content
Спорт

Македонските одбојкарки вечерва против Луксембург во Европската сребрена лига

30/05/2025  11:27

Македонската женска одбојкарска репрезентација вечерва во Струмица го пречекува Луксембург во воведниот натпревар од Европската сребрена лига.

Избраничките на селекторот Стефан Пауновиќ во следните три викенди ќе одиграат шест натпревари на три турнири од кои два ќе бидат организирани од Одбојкарската федерација на Македонија во струмичката сала „Парк“.

По вечерашниот дуел закажан со почеток во 20 часот, македонските одбојкарки во истиот термин в недела ќе играат против Швајцарија.

Следниот викенд на програмата се дуелите против домаќинот Фарски острови и Австрија, пред двата завршни дуели во Струмица против Израел, на 13 јуни и ден подоцна против Грузија.