
30-годишен Македонец, осомничен како водечки член на нарко-мафија што дејствува низ цела Европа, бил уапсен на аеродромот во Женева, Швајцарија, по што веднаш бил екстрадиран во Австрија, објави германскиот портал Blick.ch.
Според австриските истражни органи, тој бил баран со европска потерница од 2022 година под сомнение дека организирал шверц на најмалку четири килограми хероин и 1,5 килограми кристал мет. Јавното обвинителство во Линц го смета за клучен играч во регионалната мрежа за дистрибуција на дрога.
Користел лажен идентитет, но бил разоткриен
Според медиумските извештаи, уапсениот нарко-шеф се обидел да ги избегне истражните органи со тоа што го сменил своето име и користел лажни документи. Досега успевал да остане во сенка, но на 29 јануари годинава бил уапсен на аеродромот во Женева. Швајцарската полиција, која во прв момент не го идентификувала, по дополнителни проверки го препознала и го привела.
Екстрадиран во Австрија, полицијата уапси и други членови на мрежата
По брзата правна процедура, осомничениот бил екстрадиран во Австрија, каде што моментално се наоѓа во затвор во Линц. Паралелно, австриските истражни органи продолжуваат со акции против неговата мрежа, а според австрискиот медиум Kronen Zeitung, уапсени се и други лица кои се поврзани со него.
Австриската полиција најавува дека истрагата продолжува, со цел целосно разоткривање на нарко-групата која со години функционирала на територијата на ЕУ.