
Државно – црковна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска – Давкова денеска во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители.
Со молебенот, како што јави известувачот на МИА, чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и епископот Стобиски Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.
– Еве нè пак и оваа година тука во вечниот град Рим, токму во пресрет на празникот посветен на светите рамноапостолни солунски браќа Кирил и Методиј, за овде, од гробот на светиот Кирил, да им оддадеме почит и благодарност за нивното свето дело и молитвено како што доликува да го прославиме нивниот спомен. Денес, повторно сме сведоци дека паметта за нив ги помина границите на вековите, бидејќи ниту еден огромен временски период од преку 1156 години не е во состојба да го намали епохалното значење на нивниот придонес за сесловенската култура, рече митрополитот Јосиф.
Тој додаде дека случајот со солунските браќа е сосема спротивен – колку повеќе време одминува, толку појасно, позабележливо се оцртува големината на нивното дело кое македонскиот народ заедно со останатите словенски народи, но и со сите христијански народи го почитува како вечна придобивка и се сеќава на него со посебен пиетет.
– Овде во базиликата „Сан Клименте“, од ова место, за големиот првоучител Кирил изминативе години, голем број македонски архиереи и свештеници изрекле многу прекрасни беседи, но за светител како него секогаш има што да се каже, затоа што тој заедно со неговиот роден брат Методиј направиле дело рамноапостолско, дело кое ги направи апостоли на словенските народи, а тоа дело на просветлување има непроценлива и вечна вредност за целото христијанско наследство, рече митрополитот Јосиф.
Посочи дека неговото денешно слово пред сѐ ја одразува македонската благодарност кон светиот Кирил Солунски кој ја создаде првата словенска азбука – глаголицата и го внесе словенскиот јазик во црковна употреба, да ги просветли словенските земји и да извојува победа над тријазичните еретици, силно бранејќи го правото на еднаквост и можноста сите народи и луѓе да дојдат до познание на верата.
– Денеска дојдовме од местата каде што ја започнавте вашата прва мисија за да ви се заблагодариме за сè што направите за нашиот народ, за неговата културна и духовна просвета и растеж. Дојдовме и секогаш ќе доаѓаме за да ви кажеме дека остануваме посветени на вашето свето дело и дека сме горди и дека посветено со генерации, почнувајќи од свети Климента, па сè до денес секаде каде што битисува македонскиот народ и насекаде каде што се говори македонскиот јазик – го чуваме и славиме вашиот спомен, зашто вие го поставивте темелот врз кој е создадена нашата култура, јазик и писменост, вие сте столбовите на нашата црква и држава и наша идентификација помеѓу останатите народи, истакна митрополитот Јосиф.
На свечениот чин во базиликата, јави известувачот на МИА, присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и претставникот на Католичката црква протојереј ставрофор отец Зоран Стојанов.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Македонија.
Македонската делегација, предводена од претседателката Силјановска – Давкова, утре ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј и ќе го посети гробот на папата Франциск.