Skip to main content
Спорт

Македонија вечерва ја пречекува Белгија во мундијалските квалификации

06/06/2025  11:45

Македонската машка фудбалска репрезентација вечерва во Скопје ја пречекува Белгија во рамки на квалификациите за пласман на Светското првенство 2026.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски се очекува да имаат поддршка од околу 25.000 гледачи од трибините на Националната арена „Тодор Проески“ во дуелот против главниот претендент за водечкото место во квалификациската група Ј.

По двата воведни дуели, Македонија е првопласирана во групата со четири бодови, по триумфот на гостински терен над Лихтенштајн и ремито против Велс во Скопје.

Вечерашниот дуел со почеток во 20:45 часот на Арената во Скопје ќе биде петти меѓусебен дуел во кој Македонија ќе се обиде да ја забележи првата победа над Белгија, по ремито (1-1) во 1994 година, и трите порази (5-0) во 1995 и (2-0 и 1-0) во 2013 година.

Јунскиот циклус во рамки на мундијалските квалификации Македонија ќе го заокружи на 9 јуни со гостување во Казахстан.