Skip to main content
Економија

Македонија со најмал раст во Западен Балкан – во 2025 година раст од 3% на БДП, прогнозира Светска банка

18/01/2025  15:57

Светската банка минимално, за 0,1 процентен поен ја зголеми прогнозата за раст на македонската економија во 2025 година. Лани во јуни предвидуваше раст од 2,9, а сега предвидува дека бруто домашниот производ годинава ќе биде три насто повисок. И со ваквата минимална нагорна корекција во предвидувањата, тоа се уште доста се разликува од оптимизмот на владата која предвидува раст од 3,7 насто. За економскиот експерт Абил Бауш очекувана е нагорната корекција на Светската банка, бидејќи при промена на секоја власт, се зголемува економскиот оптимизам. Сепак, тоа што корекцијата е минимална покажува дека новата влада на ВМРО ДПМНЕ – ВРЕДИ и ЗНАМ не успеала да наметне поголеми очекувања, пред се околу реформите.

„Најмногу ме плаши што во извештајот повторно се нагласуваат структурните реформи, односно потенцијалите на структурните реформи кои битно би влијаеле во економскиот раст и развој…. Тука ние грешиме затоа што не се занимаваме со тие реформи, ние немаме таков реформски предзнак кој што би направиле поголеми капитални инвестиции. Да, владата предвидува 3,7 економски раст, но не е толку прецизна како Светска банка.“, вели Абил Бауш.

Бауш е загрижен и поради тоа што во извештајот се наведува дека економиите во регионов се чувствителни и поради ранливата политичка состојба, која може да го загрози растот. Исто така, во извештајот јасно се покажува кои треба да бидат реформските приоритети, бидејќи ако не се следат, за џабе би биле дел од мерките за економски раст кои што ги најавува владата.

„На пример, даночната политика. Ако вие не правите реформи во даночната политика не може да се борите со сивата економија. Бесцелно е вие да инвестирате 250 милиони евра во стопанството кога вие имате нелојална конкуренција од 40 посто во државата. И самите нив ги гушите.“, вели Абил Бауш.

Бауш смета дека да се инвестирата 250 милиони евра во стопанството е добра мерка, но дека таа мора да биде следена со други интегрални мерки кои ќе поврзат повеќе сектори за да може да се почувствуваат придобивките од инвестициите. Ако тоа не се случи, ефектите драстично се намалуваат или се одложуваат за во иднина. Инаку, од Западен Балкан Македонија ќе има најмал раст од три насто, додека Босна и Херцеговина 3,2, Албанија и Црна Гора по 3,5, Косово 3,9, а Србија 4,2 отсто.