
Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија
Република Македонија, земјите од поширокиот регион, Европа и светот во целина, 2026 година ја започнаа со зголемена меѓународна неизвесност и динамични геополи –
тички промени. Покрај постојните кризни жаришта – воената интервенција на Русија во Украина, повеќедецениското нерешено палестинско прашање и случувањата во Газа, воените интервенции на Израел во Либан и Иран, и др., за жал, при крај на 2025 и на самиот почеток на 2026 година, се отворија нови кризни жаришта прво во Индокина, а деновиве и во Латинска Америка.
Глобалниот систем, кој по завршувањето на студената војна се темелеше врз релативно стабилни безбедносни и економски рамки, денес се соочува со сериозни предизвици, вклучително и вооружени конфликти, економски кризи, енергетска несигурност и ерозија на меѓународното право. Во едни вакви околности, прашањето на добрососед- ските односи и регионалната соработка добива особено значење, не само како инстру- мент на надворешната политика, туку и како суштински фактор за внатрешна стабилност и долгорочен развој. Имено, добрососедските односи претставуваат еден од темелните принципи на современото меѓународно право и европската политичка практика. Затоа, за Република Македонија, како мала држава со сложено историско и геополитичко опкружување, овој принцип има посебна тежина. Со други зборови воде-
њето политика заснована врз дијалог, заемно почитување и немешање во внатрешните работи на другите држави е неопходен предуслов за зачувување на националната безбедност и зајакнување на меѓународната позиција на државата.
Во 2026 година, Република Македонија е потребно да продолжи со конзистентна и предвидлива надворешна политика, која ќе ја потврди нејзината определба за мирољубива соработка и конструктивна улога во регионот. Таквата политика не подразбира пасивност, туку активно учество во регионалните процеси, иницијативи и механизми за соработка. При тоа, надворешната политика на Македонија секако дека ќе треба да биде усогласена со надворешната политика на ЕУ и на другите нејзини партнери, но истовремено во поголема мера ќе треба да се води сметка и за суверени-тетот на земјата при носењето одлуки по разни прашања, што значи несекогаш треба да бидеме „слепи следбеници“ на политиките на другите земји.
Регионалната соработка во Југоисточна Европа се базира врз свеста дека бројни предизвици не можат да се решаваат изолирано на национално ниво. Економската поврзаност, инфраструктурниот развој, енергетската безбедност, климатските промени, миграциите, прекуграничниот криминал, борбата против тероризмот и сл., се прашања кои бараат координиран пристап и заеднички политики. Во овој контекст, во интерес на земјата е натамошното продлабочување на билатералните и мултилатерални форми на соработка пред сè со сите земји од непосредното и пошироко соседство и пошироко. Инфраструктурните проекти, особено во областа на транспортот и енергетиката, не само што ја зголемуваат економската поврзаност, туку и ја зајакнуваат меѓузависноста, што во политичка смисла делува како стабилизирачки фактор. Дополнително, соработката во образованието, науката и културата придонесува за надминување на стереотипите и за градење долгорочна доверба меѓу граѓаните на земјите од нашиот регион и пошироко.
И покрај напредокот во одредени сегменти, за жал, нашиот регион и натаму е оптоварен со нерешени прашања и билатерални спорови. Во последните години, односите меѓу Македонија и Бугарија претставуваат еден од таквите примери, каде што историските интерпретации и идентитетските прашања имаат директно политичко влијание врз вкупните односи и соработка меѓу двете земји. Овие разлики, доколку не се третираат во рамки на академски и дипломатски дијалог, ризикуваат да се трансформираат во долготрајни извори на недоверба и блокади. Академскиот пристап кон ваквите прашања подразбира јасно разграничување помеѓу историографските дебати и современите политички процеси. Политизацијата на историјата, особено кога се користи како инструмент на надворешен притисок, е спротивна на принципите на европската соработка и може да има негативни последици врз регионалната стабилност и безбедност.
Особено долгогодишниот нерешен спор помеѓу Србија и Косово останува еден од клучните безбедносни предизвици на Западен Балкан. Иако Македонија не е директен учесник во овој процес, нејзината стабилност и безбедност се нераскинливо поврзани со исходот на овие односи. Оттаму, поддршката на дијалогот и мирното решавање на конфликтите е рационален и одговорен став од аспект на македонската надворешна политика. Во интерес на мирот и стабилноста на нашиот регион и пошироко, претста-вува деблокирањето и продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со крајна цел за постигнување заеднички прифатливо решение со што, меѓу другото, еднаш за секогаш би се надминала повеќедецениската недоверба меѓу Србите и Албанците. Со решавањето на спорот меѓу Србија и Косово истовремено би се забрзал и процесот за интеграција на овие и останатите земји од Западен Балкан во ЕУ.
Во услови на зголемена глобална и регионална нестабилност, водењето прагматична надворешна политика се наметнува како неопходност. Прагматизмот не подразбира откажување од основните национални интереси, туку нивно рационално дефинирање и заштита преку дипломатски средства. Тој вклучува подготвеност за компромис таму каде што е можно, но и јасно поставени „црвени линии“ кога станува збор за суштински прашања поврзани со суверенитетот, идентитетот и уставниот поредок. Од академска гледна точка, прагматичната политика е тесно поврзана со концептот на пре-
вентивна дипломатија, чија цел е спречување на конфликти преку рано идентификува-
ње на потенцијалните точки на тензии и нивно адресирање преку институционализи-ран дијалог.
Во јавниот дискурс, 2026 година често се поврзува и со популарните претскажувања на сега веќе покојната Баба Ванѓа, според кои 2026 година се означува како година, скраја да е, на глобални конфликти и економски потреси. Иако ваквите наративи не можат да се третираат како релевантен аналитички извор, нивната популарност укажу-ва на постоење на колективна загриженост и чувство на несигурност во меѓународната заедница. Од научна гледна точка, присутните стравувања можат да се интерпретираат како одраз на реалните структурни слабости на современиот меѓународен систем. Токму затоа, одговорноста на државите, вклучително и на Македонија, е да придонесу-ваат кон зајакнување на механизмите за мирно решавање на споровите и меѓународна-та соработка, а не со употреба на сила и мешање во внатрешните работи на други земји
Во 2026 година, Македонија и нејзините соседи се соочуваат со избор кој има далеку –
сежни последици. Продолжувањето на политиките засновани врз конфронтација, историски ревизионизам и еднострани притисоци носи ризик од нови тензии и дестабилизација. Наспроти тоа, зајакнувањето на добрососедските односи, прагматиз –
мот и институционализираниот дијалог претставуваат одржлива алтернатива.
Од гореизнесеното, би можело да се заклучи дека, стабилноста на Македонија е нерас-
кинливо поврзана со стабилноста на регионот. Во таа смисла, активната и одговорна надворешна политика, ориентирана кон соработка и мир, не е само политички избор, туку и стратешка неопходност, во интерес на државата, регионот, Европа и меѓународ –
ната заедница во целина. Во таа смисла, деблокирањето на процесот на интеграцијата на Република Македонија во ЕУ, во актуелниот момент, би требало да претставува најприоритетната цел и обврска пред сè на актуелната власт. Со други зборови, прекинувајќи ја секојдневната јалова расправија меѓу власта и опозицијата, за споредни и честопати неважни прашања, сите политички чинители на државата, но и ние граѓаните на оваа земја, треба да ги здружиме сите сили, сè со цел конечно да отвориме нова страница во нашето однесување и скојдневно живеење.
На таков начин, меѓу другото, политичарите, невладиниот сектор и сите граѓани на земјата ќе придонесеме прво за запирање на процесот на напуштањето на земјата и заминување во белиот свет на најдрагоцениот дел на нашето население, воро за создавање услови за започнување на процес на враќање во земјата на дел од скоро иселените граѓани, како и за поттикнување на младите да создадат семејства овде во Македонија. Од моето животно и професионално искуство, пред сé младите поколенија на нашата земја, би сакал да ги потсетам на старата вистина дека „каменот тежи во своето место“, односно дека човек најдобро се чувствува во својата родна земја а не во која и да е друга земја на светот. Дома сме свои на своето, додека во странство сме вечни странци/„дојденци“.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
