
Над шеесет компании од Северна Македонија и Грција учествуваа на Бизнис-форумот што вчера се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија, организиран во соработка со Амбасадата на Република Грција во Скопје.
Настанот имаше за цел да ги продлабочи економските односи меѓу двете земји и да отвори нови можности за деловна соработка и инвестициски партнерства. На форумот учествуваа претставници на Атинската комора за трговија и индустрии, Грчката федерација на претпријатијата, Грчката асоцијација на извозници, Enterprise Greece, како и бројни компании од двете држави.
Посебен акцент беше ставен на директните B2B-средби, преку кои македонските и грчките компании разговараа за конкретни можности за соработка и развој на долгорочни партнерства. Форумот собра компании од осум различни сектори – храна и пијалаци, фармација и козметика, информатичка технологија и комуникации, градежништво и градежни материјали, медицинска опрема, еколошки услуги и енергетика, металургија, транспорт и логистика.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во своето обраќање нагласи дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, трговската размена меѓу двете земји бележи континуиран раст.
„Грција е значаен трговски партнер. Со вредност на извоз од над 280 милиони долари во 2024 година, таа се наоѓа меѓу топ 5 извозни дестинации за Северна Македонија. Минатата година беше остварена вкупна трговска размена од 1,35 милијарди долари, од кои извозот изнесува 284,3 милиони, а увозот 1,06 милијарди долари. Тоа доволно зборува дека со потпишувањето на Преспанскиот договор, соработката оди во нагорна линија,“ рече Азески, додавајќи дека просечната стапка на раст на извозот кон Грција во последните пет години изнесува 7,5%.
Азески истакна дека енергетиката, металургијата, земјоделството, текстилната и прехранбената индустрија се клучните сегменти во билатералната размена, а грчките пристаништа се „главната порта за интернационализација на македонската економија“.
„Посебно сакам да ја нагласам улогата на Амбасадата на Република Грција, која е во функција на економски партнер, што за нас е од големо значење. Политиката е на политичарите, економијата – на бизнисмените“, порача Азески.
Силна поддршка за вакви иницијативи даде и амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија, Н.Е. Софија Филипиду, која истакна дека форумот е јасен пример за тоа како две соседни земји можат да ги продлабочуваат економските врски во корист на граѓаните и стопанството.
„Денешниот бизнис-форум е извонреден пример за тоа како две соседни земји, кои имаат толку многу заедничко, можат да ја развиваат и продлабочуваат соработката. Присуството на над 60 компании и повеќе од 200 закажани деловни состаноци во клучни сектори е охрабрувачки показател дека се преминува од дискусија кон конкретна акција,“ изјави Филипиду.
Форумот заврши со презентации на нови инвестициски можности, иницијативи за заеднички извоз и регионална деловна соработка, потврдувајќи ја заложбата на двете земји за градење стабилни економски односи и партнерства засновани на доверба и визија за заеднички раст.

