Skip to main content
Македонија

Македонци од Бахреин во среда заминуваат кон Ријад, од таму со владин лет за Скопје

09/03/2026  22:43

Македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати упати итно известување до македонските државјани кои се наоѓаат во Бахреин, информирајќи ги за претстојната евакуација поради влошената безбедносна ситуација во регионот на Блискиот Исток.

Според информациите, во среда, на 11 март, во 06:00 часот наутро, од главниот град Манама ќе поаѓа организиран автобуски превоз кој ќе ги транспортира граѓаните до меѓународниот аеродром во Ријад, Саудиска Арабија.

Од таму, со специјален владин лет македонските државјани ќе бидат вратени во земјава.

Оваа активност е дел од поширокиот координиран процес за евакуација на македонски државјани од регионот на Блискиот Исток, кој неодамна го најави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Муцунски информираше дека е воспоставен 24-часовен кризен механизам преку дипломатско-конзуларните претставништва, со цел да се обезбеди безбедно извлекување на сите македонски државјани кои се наоѓаат во ризичните подрачја.

Според најавите, евакуацијата треба да биде завршена до крајот на неделава, а институциите се во постојана комуникација со граѓаните на терен.

Ова претставува трета ваква комплексна операција на државата во последната година, активирана како одговор на ескалацијата на безбедносната криза во регионот на Блискиот Исток.