Skip to main content
Хроника

Мајката на Ивана сведочеше: Стојанче ја нападнал ќерка ми и во болница, каде што била хоспитализирана, пред очите на внуката Катја

30/03/2026  15:29

Мајката на починатата Ивана Јовановска, Љубица Стојановска, во сведочењето пред Основниот кривичен суд Скопје изнесе нови детали за, како што рече, долгогодишното физичко насилство што нејзината ќерка го трпела од сопругот Стојанче Јовановски. 

Таа наведе дека нејзината ќерка во 2025 година била нападната во нивниот стан, по што успеала да побегне, а случајот бил пријавен во полиција, иако подоцна, поради страв, Ивана не го потпишала записникот. Сведокот детално го опиша и инцидентот на автопат по враќање од свадба во Штип, како и хоспитализацијата на Ивана на Клиниката за абдоменална хирургија поради болки во стомакот предизвикани, според лекарите, од удари, каде обвинетиот ја турнал по скали пред очите на нивната шестгодишна ќерка Катја.

Опишувајќи настан од 2025 година, мајката на Ивана, Љубица Стојановска, рече дека по расправија во станот, обвинетиот ја нападнал нејзината ќерка, обидувајќи се да ѝ ги земе телефоните.

– Стојанче не заминал на работа и по нејзино кажување настанала расправија, тој сакал да ѝ ги земе телефоните. Имаше модринки и вратот ѝ беше црвен, ја давел. Сакал да види дали со некого контактирала. Некако успеала да излезе од станот. Ми се јави мајката на Мартин Саздов, другарот на Стојанче, и ми кажа дека Ивана била нападната од сопругот и некако успеала да излезе од станот и ме советуваше да пријавам во полиција, бидејќи била физички нападната од сопругот и не знаат каде се наоѓа во моментот – изјави Стојановска.

Според нејзиниот исказ, Ивана и таа потоа дале исказ во Полициската станица Карпош, но нејзината ќерка од страв следниот ден не го потпишала записникот.

Во сведочењето таа посочи и на инцидент што се случил минатата година на автопат по враќање од свадба во Штип, кога обвинетиот по расправија во автомобилот ги оставил Ивана и нивната ќерка на патот.

– Ивана, Катја и Стојанче биле на свадба кај братучетка на Стојанче во Штип и на враќање, јас така знам, требало ноќе да се вратат, Ивана згрешила да му каже каде да сврти и да се уклучи на пат, се скарале, ги избркал од кола ги извадил Катја и Ивана на автопат. Ја удирал, ја клоцал Ивана, дури Катја после призна „и мене тато ме удри“ и си заминал Стојанче. Ги оставил Ивана и Катја на автопат – рече мајката на Ивана.

Сведокот пред Судот сведочеше и за настаните по јануари годинава, кога Ивана итно била хоспитализирана поради силни болки во стомакот. Откако била прегледана на повеќе клиники, таа била задржана на Клиниката за абдоменална хирургија.

– Докторите ми кажаа дека овие болки се од удар и се прави хематом внатре во абдоменот, со тоа што кога се разградува тоа е многу акутно и вредностите се многу високи. И советуваа да остане, затоа што може некогаш и минути да се во прашање да отвораат и да реагираат – посочи Стојановска.

Според нејзините зборови, за време на посетата на Клиниката, обвинетиот повторно ја нападнал Ивана и ја турнал по скали пред очите на ќерката Катја.

– Собата беше празна и се појави главната сестра на целата хирургија во ходникот со Ивана и ме праша дали знам што се случило. Главната сестра ја внесе Ивана во една соба, тогаш дојде и полиција и ми кажаа дека Стојанче бил на посета кај Ивана и излегле кај лифтовите на влезот од Одделот на хирургија, се расправале, сакал да ѝ ги земе телефоните за да види со кого комуницирала бидејќи била во болница. Пред очите на Катја тој ја турнал по скали Ивана, болничар се стрчал и ја кренал Ивана и веднаш се организирале да ѝ направат компјутер на глава и дали има скршеница, а Катја ја прибрале сестрите и ја прашале дали сака да јаде. Малата Катја им кажала на сестрите на Одделот дека јадела ѓевречиња само претходниот ден и дека Стојанче ништо не ѝ дал за јадење, ја заклучил дома и заминал да вежба – сведочеше мајката на починатата Ивана.

Таа додаде дека следниот ден Ивана на свое барање ја напуштила болницата и покрај тоа што, како што рече, здравствената состојба не ѝ била средена. 

Претходно, мајката на Ивана сведочеше дека ќерка ѝ со години живеела во страв од сопругот Стојанче Јовановски, со видливи модринки, под постојана контрола и со постојана мисла дека ќе ѝ биде одземена ќерката.

Судењето против Стојанче Јовановски почна денеска во Основниот кривичен суд Скопје, а судот не го прифати неговото делумно признание на вина и одлучи постапката да продолжи со изведување докази.

Иако, Јовановски на почетокот на рочиштето призна вина за две од вкупно трите кривични дела за кои се товари, тој пред судот нагласи дека бил присилуван од сведок во постапката, по што судот констатира дека изјавата не е дадена доброволно. 

– За првите две дела се чувствувам виновен, но за третото дело не се чувствувам виновен. Се чувствувам виновен и ги признавам кривичните дела, и тоа: телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од КЗ, како и кривичното дело загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска став 1 од КЗ. Ги сторив во време, начин и на место онака како што се опишани во обвинителниот акт. Но не се чувствувам виновен за кривичното дело наведување на самоубиство и помагање во самоубиство – посочи првично обвинетиот пред судот.