
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна и индиректна дискриминација од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ кон лице што постапувало како овластен адвокат, застапувајќи постаро лице при поднесување барање за персонализирана картичка за користење на јавниот превоз.
Според одлуката на Комисијата, вработените во една од канцелариите на ЈСП одбиле да ја примат документацијата со образложение: „Мајка ти треба сама да дојде, ти нема што да бараш овде“, и покрај тоа што било доставено полномоштво заверено согласно Законот за адвокатура. Од лицето било побарано дополнително да обезбеди нотарска заверка, иако тоа не е предвидено со закон.
Комисијата оцени дека со ова постапување е прекршен Законот за спречување и заштита од дискриминација, при што била направена директна дискриминација врз овластениот застапник по основ на неговата професионална дејност, но и индиректна дискриминација врз постарото лице, кое поради здравствена состојба и возраст не било во можност самостојно да дојде и да ја изврши административната постапка.
Како дополнителен проблем се наведува и фактот што на пензионерите кои не можат физички да се движат, им се отежнува пристапот до јавниот превоз, што создава нееднакви услови за користење на јавна услуга.
Комисијата препорача до ЈСП:
да го прифати законски овластениот застапник како валиден подносител на барање;
да обезбеди еднаков пристап до услугите за сите граѓани, без разлика на возраста и здравствената состојба;
да направи анализа на постоечката пракса и да спроведе соодветни мерки за отстранување на пречките во пристапот до јавниот превоз.
Доколку ЈСП не постапи по препораките во рок од 180 дена, Комисијата ќе поднесе иницијатива за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.